Рубио тврди дека Русија и Украина би можеле да преговараат во Ватикан

од Nikola Popovski
66 прегледи

Американскиот државен секретар Марко Рубио денес изјави дека Ватикан би можел да биде местото каде што ќе се одржат мировни преговори меѓу Русија и Украина.

„Не би го нарекол (Ватикан) посредник, но мислам дека тоа е сигурно место каде што двете страни би се чувствувале удобно“, изјави тој за новинарите во Рим пред средбата со кардиналот Матео Зупи, експертот на Ватикан за Украина.

Рубио рече дека ќе разговара за потенцијалните начини на кои Ватикан би можел да помогне, „статусот на преговорите, новостите по вчерашните (разговори во Истанбул) и патот напред“.

„Значи, ќе разговараме за сето тоа и секако секогаш ќе му бидеме благодарни на Ватикан за неговата подготвеност да игра конструктивна и позитивна улога“, изјави Рубио пред новинарите во амбасадата на САД во Рим.

Ватикан има традиција на дипломатска неутралност и долго време се става на располагање да се обиде да ги олесни преговорите, но тоа не се случи.

Покојниот папа Франциск, кој честопати ги лутеше обете страни со своите коментари, му довери на Зупи да се обиде да најде „пат за мир“. Сепак, тоа беше сведено на справување со враќањето на киднапираните украински деца и неколку медијации во размена на воени заробеници.

Новиот папа Лав XIV, избран на 8 мај, во својот прв благослов го повтори повикот на Франциск за мир во Украина. Тој апелираше до сите страни да сторат сè што е можно за да постигнат „праведен и траен мир“.

Лav претходно како епископ во Перу ја нарече војната „империјалистичка инвазија“ и оваа недела вети дека ќе „вложи максимални напори за да преовлада мирот“.

Слични содржини