Румен Радев ѝ се заканува со вето на Србија: „Бугарски нож во грбот“

од Илинка Илиоска
724 прегледи

Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека Бугарија може да ја преиспита поддршката за Србија кон Европската унија поради, како што рече, како Белград се однесува кон бугарското малцинство во земјата.

Имајќи предвид дека Софија има историја на блокирање на влез на нови членови, прашање е колку е моќен овој кренат прст, пишува Блиц.

Аналитичарите се поделени околу тоа како би можел да изгледа тој „бугарски нож во грбот на Србија“. Некои сметаат дека заканата е реторичка, други дека не е исклучена таквата можност еден ден.

Во образложувањето на својот став, Радев не само што се закани, туку прецизираше кои услови ќе ги скенира при донесување на одлука.

„Главниот критериум според кој ќе судиме и ќе го поддржиме напредокот на земјите од Западен Балкан е токму положбата на нашите сонародници во секоја земја – условите за економски и социјален развој и пред се нивната способност да го бранат својот национален идентитет, јазикот, културата и историската меморија“, појасни Радев.

Блиц потсетува дека Радев пред три години бил во Србија кога рекол дека „за тоа национално малцинство во Србија е постигнато многу“, па се поставува прашањето што се сменило, и тоа токму сега?

Заканата дојде ненајавена, но не треба да се игнорира со оглед на тоа што Бугарија пред три години стави вето на процесот за пристапување на Македонија во ЕУ, обвинувајќи ја владата во Скопје за говор на омраза кон Бугарите.

Според последниот попис, во Србија живеат 12.918 граѓани кои се изјаснуваат како Бугари. Претседателот на Националниот совет на бугарското национално малцинство во Србија, Стефан Стојков, еден ден по изјавата на Радев, вели дека бугарското национално малцинство не е дискриминирано во Србија.

„Навистина, не знам во кој контекст тоа го кажа претседателот Радев. Како претседател на Националниот совет на бугарското национално малцинство во Србија, задоволен сум од односот на Република Србија кон нашето малцинство“, изјави Стојков.

Слични содржини