Русија се бори да избегне дипломатска изолација на самитот на Г-20 на индонезискиот остров Бали, додека нејзините традиционални сојузници Кина и Индија почнаа да се дистанцираат од војната во Украина, за која во нацрт-изјавата од самитот се вели дека предизвикала неописива економска штета на светот.
Нарендра Моди, индискиот премиер и Си Џинпинг, кинескиот претседател, изразија загриженост поради војната, пишува „Гардијан“, додека американските власти се залагаат уште повеќе да се обвини Русија во последното соопштение за печатот.
Во нацрт-изјавата се наведува дека „мнозинството членови најостро ја осудиле војната во Украина“ и нагласиле дека „предизвикува огромно човечко страдање и ја влошува постојната кршливост во глобалната економија“.
Домаќинот на самитот, Индонезија, се обидува да ги сведе референците за војната на минимум, тврдејќи дека Г-20 не е безбедносен форум и повторувањето на добро познатите позиции ќе го спречи напредокот за прашања како што се глобалниот долг и закрепнувањето по пандемијата.
Тоа е првпат лидерите на Г-20 да се сретнат по руската инвазија на Украина во февруари, која Русија ја опиша како „специјална воена операција“.
Војната и загриженост за глобалната инфлација, храна и енергетска безбедност го засенија состанокот.
Во своето обраќање, Си рече дека се противи на нуклеарна војска, која фрла сенка врз постојаните закани на Русија за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина.
Моди рече дека е неопходно да се признае дека ОН потфрлија како мултилатерална институција, што изврши поголем притисок врз Г-20 да најде подобро решение.
Тој рече дека е време за дипломатија и треба да се прекине огнот.
Во видео обраќањето што рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го го пропушти бидејќи престојуваше во хотелската соба, украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека е време да се запре војната, велејќи дека таа предизвикала илјадници смртни случаи. Но, тој нагласи дека прекин на огнот е можен само кога вооружените руски војници ќе ја напуштат територијата на Украина.