Русија е целосно посветена на спречување нуклеарна војна и нејзин приоритет е избегнување нуклеарен конфликт меѓу светските нуклеарни сили, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на таа земја.
„Целосно ја потврдуваме нашата посветеност на заедничката изјава на лидерите на петте земји со нуклеарно оружје за спречување на нуклеарна војна и избегнување на трка во вооружување“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, цитирано од Ројтерс.
Во заедничката изјава на Русија, САД, Кина, Велика Британија и Франција, објавена на 3 јануари, пред почетокот на конфликтот во Украина, овие пет нуклеарни сили ја посочија својата одговорност за избегнување нуклеарна војна.