Американскиот и рускиот претседател Џо Бајден и Владимир Путин ќе разговараат во вторник преку видео врска, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков за РИА Новости додаде дека „претседателите сами ќе одлучат“ колку ќе трае разговорот, пренесе АП.
Белата куќа не ја коментираше изјавата.
Русија е порешителна од кога било САД да гарантираат дека Украина нема да биде примена во НАТО.
Американските разузнавачи велат дека Русија стационирала околу 70.000 војници во близина на границата со Украина и дека планира офанзива веќе следната година, изјави претставник на администрацијата на Бајден, што Русија го негира.
Американски официјални лица и поранешни американски дипломати велат дека иако рускиот претседател јасно ги поставува основите за можен напад, украинската војска денес е подобро вооружена и подготвена од кога било досега, и дека санкциите со кои се заканува Западот ќе предизвикаат сериозна штета на руската економија.
Бајден во петокот рече дека работи на „сеопфатна иницијатива“ што треба да ја отежне одлуката на Путин да ја нападне Украина.
Украинските власти соопштија дека Русија би можела да ја нападне Украина следниот месец.