Европските земји, кои „цврсто тргнаа на патот на милитаризмот“, го загубија правото да учествуваат во преговорите за Украина и се повеќе се во меѓународна изолација, соопшти попладнево руското Министерство за надворешни работи.
Русија го соопшти ова во врска со резолуциите за украинската криза усвоени од Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност.
„Европејците се свртеа кон милитаризација, со што го изгубија правото да учествуваат во преговорите“
„Дискусиите и гласањата одржани во ОН јасно покажуваат дека светската заедница бара мир. Европејците, кои цврсто се насочија кон милитаризација и со тоа го загубија правото да учествуваат во преговорите за условите за решавање на украинската криза, се сè поизолирани. Сериозни поместувања се видливи во ставовите на глобалното мнозинство, што покажува сè поголем реализам и се обидувааат да придонесат за брзо решавање на конфликтот“ велат тие.
Да потсетиме, Генералното собрание на Обединетите нации вчера усвои резолуција со која се осудува руската инвазија на Украина и се повикува на повлекување на руските трупи. Резолуцијата предложена од Украина и европските земји доби поддршка од 93 земји, додека 18 беа против, меѓу кои САД и Русија, а 65 земји беа воздржани.
Во исто време, Советот за безбедност на ОН усвои американска резолуција со која се повикува на брз прекин на конфликтот во Украина, но без директно да ја критикува Русија. Оваа резолуција беше донесена со поддршка на Русија и Кина, додека Франција и Обединетото Кралство беа воздржани.
Кремљ го поздрави „многу поурамнотежениот“ став на САД за Украина по гласањето во Советот за безбедност на ОН и истакна дека новата американска позиција е чекор кон пореален пристап за решавање на конфликтот.
Трамп вчера изјави дека Путин ги прифатил европски војници во Украина како дел од мировните сили, Кремљ денеска го демантира тоа
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера за време на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Белата куќа изјави дека директно го прашал рускиот претседател Владимир Путин за присуството на европски војници како мировници во Украина и дека Путин му рекол дека се согласува со тоа. Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска го демантираше ова.
На прашањето за ова, Песков едноставно одговори дека има официјален став од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека Русија не може да се согласи со тоа. „Немам што да додадам на тоа“, рече Песков.
Кремљ, затоа, барем јавно, сака да испрати порака дека Европа не е добредојдена ниту во преговорите, ниту во мировните сили во Украина, по склучувањето на евентуалниот мировен договор меѓу Русија и Украина, кој се уште изгледа далечен.
Од друга страна, европските земји и Украина продолжуваат да инсистираат на повлекување на руските сили и зачувување на украинскиот територијален интегритет како предуслов за какви било мировни преговори.