Полските медиуми јавија дека неофицијално ја потврдиле информацијата за прекин на испораката на гас од Русија.
Русија ја прекина испораката на гас за Полска според постоечкиот договор, неофицијално дознава полскиот портал Онет. Во Министерството се собрал кризен тим, но Русија не соопштува дали ова е исполнување на ултиматумот со кој неодамна се закани Владимир Путин.
Официјални соопштенија за ова прашање ќе бидат објавени денеска, јавуваат полските медиуми.
Онет неофицијално ја потврди информацијата за значително намалување на преносот на гас, а потоа и за негово суспендирање денеска, како во владини извори, така и во полската нафтена и гасна индустрија (PGNiG). Русите не ја информирале полската страна за причините за прекинот на испораките.
Според писмото што го добиле клиентите на „Газпром“, од 1 април годинава „непријателските земји“ мора да го платат гасот во рубли, или во спротивно Русија ќе мора „да ја затвори чешмата“. Повеќето земји од Европската унија, вклучувајќи ги Полска и Германија, не се согласија со овој диктат. Неофицијално се дознава дека рокот за подмирување на плаќањето за гас во руска валута истече во петокот на 22 април.