Поранешниот шаховски шампион Гери Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајцата противници на рускиот претседател Владимир Путин, се ставени на списокот на странски агенти во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Ознаката, која потсетува на „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционери, новинари и активисти за човекови права обвинети за спроведување политички активности финансирани во странство.
Со ознаката странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓу другото, тие треба да го наведат статусот на сите нивни публикации.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гери Каспаров (59) имаат „извори“ во Украина за да ги финансираат своите активности.
Поранешниот шампион во шах Каспаров долго време се спротивставува на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД.
Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 1990-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година.
Тој помина десет години во затвор помеѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија во Русија, која се распушти во мај 2021 година поради растечките репрекусии во земјата.