Украинската воена разузнавачка агенција објави дека Русија досега ги вратила телата на 210 украински борци кои загинаа во битката за Мариупол, наведувајќи дека повеќето од нив се борци кои го држеле последното упориште во фабриката за челик „Азовстал“.
Воената разузнавачка агенција не наведе уште колку тела останале во урнатините на „Азовстал“.
Мариупол, разурнат пристанишен град, сега е под контрола на Русија, која почна да ги враќа телата во Украина минатата недела.
Украина во саботата објави дека двете страни размениле 320 тела. Двете завојувани страни примија 160 тела на нивните борци.
Украинските борци ја бранеа фабриката за челик „Азовстал“ речиси три месеци пред да се предадат во мај пред постојаните напади на руските сили од копно, море и воздух.