Русија денеска го отповика амбасадорот Анатолиј Антонов во Вашингтон по изјавата на американскиот претседател Џо Бајден за Владимир Путин.
Исто така, заменик-претседателот на Комитетот за надворешни работи на Советот на Руската Федерација, Владимир Џабаров, рече дека коментарите на американскиот претседател Џо Бајден за рускиот претседател Владимир Путин не се прифатливи и ваквите изјави не доликуваат на ниту еден политичар, особено на таква позиција.
Тој за ТАСС ја коментираше изјавата на Бајден, кој потврдно одговори на новинарско прашање дали го смета Путин за „убиец“ и му порача дека „ќе плати за мешање во минатогодишните претседателски избори во САД“.
– Што се однесува до изјавите на Бајден за нашиот претседател, мислам дека не вреди да се коментира, бидејќи ниту еден политичар на тоа ниво не може да си дозволи такви работи – рече Џабаров.
Коментирајќи ја изјавата на Бајден дека Русија и Соединетите држави можат да соработуваат за прашања од заеднички интерес, Џабаров посочи дека Американците досега не презеле никакви чекори кон соработка, иако Москва е подготвена на тоа.
– Се надевам дека тоа ќе го разбере порано или подоцна и дека Бајден ќе ги избира своите зборови повнимателно – потенцираше Џабаров.