Русија изврши серија ракетни и артилериски напади врз Украина, во вториот напад во зори во последните три дена, објави Би-Би-Си. Едно лице загина во областа Херсон, а 25 лица се ранети во Днепар, меѓу кои три деца. Украинските вооружени сили објавија дека противвоздушната одбрана пресретнала 15 од 18 истрелани проектили. Меѓу главните цели бил градот Павлохрад во близина на Днепар.
Официјален претставник назначен од Русија рече дека ресурсите за украинската офанзива биле погодени. Мета на проектилите биле железничката инфраструктура и складиштата за гориво. Оштетени се 19 катни згради, 25 приватни куќи, шест училишта и градинки и пет дуќани.
Украинската армија веќе подолго време зборува за голема контраофанзива, но не прецизира каде и кога би можела да биде лансирана. Павлохрад се наоѓа на територијата под контрола на Украина, на околу 110 километри од фронтот. Шефот на градската воена управа на Киев, Серхи Попко, изјави дека ракети биле соборени и во воздушниот простор на Киев.
Во областа Херсон, која сè уште е делумно контролирана од Русија, украинските регионални власти објавија дека Русите извршиле 39 гранатирање. Руските власти соопштија дека четири лица биле убиени вчера во руско погранично село во украински воздушен напад.
Во меѓувреме, украински официјален претставник изјави дека армијата ги избркала руските сили од некои позиции во Бахмут, источниот град кој со месеци е под опсада. Генералот Олександр Сирски, командант на копнените сили, рече дека ситуацијата сè уште е доста тешка, но дека непријателот не може да ја преземе контролата врз градот.