Рускиот гасен гигант „Газпром“ најави дека ќе го користи копнениот капацитет на гасоводот „Северен тек 2“ за домашни потреби на Русија.
Во објавата на „Газпром“ на социјалната мрежа „Телеграм“ се наведува дека со оглед на фактот што гасоводот моментално не се користи, компанијата одлучила да го користи за снабдување со гас на северозападните региони на Русија, пренесува британскиот јавен сервис Би-Би-Си.
Гасоводот „Северен тек 2“ долг 1.200 километри, кој минува по дното на Балтичкото Море, е дизајниран да транспортира гас од рускиот брег во близина на Санкт Петербург до Лубмин во Германија.
Германија во февруари годинава го суспендираше процесот за издавање дозвола за работа на овој гасовод, што практично го стопираше проектот до понатамошно известување.