Естонската разузнавачка служба предупреди дека Русија брзо ги засилува своите воени сили додека Европа го засилува вооружувањето, иако нема индикации дека Москва планира напад врз земјите членки на НАТО оваа или следната година.
Како што е нагласено во годишниот извештај на службата, целта на Русија е да ја „одложи и спречи“ способноста на Европа да спроведува независни воени дејствија, објави Ројтерс.
„Руското раководство го гледа потенцијалот на Европа да стане способна за независна воена акција против Русија за две до три години, поради што брзо произведува и складира муниција за идните конфликти, додека ги продолжува борбите во Украина“, информира шефот на естонската разузнавачка служба, Каупо Росин.
Естонската разузнавачка служба соопшти дека Кремљ сè уште ги гледа САД како свој главен глобален противник, додека се преправа дека е подготвен да соработува за да се осигури дека санкциите на САД ќе бидат укинати.
„Оваа промена произлезе од амбицијата на Кремљ да ја искористи новата американска администрација за да ги обнови билатералните односи и да постигне решение што би го формализирало поразот на Украина“, рекол тој.
„И покрај ова илузорно затоплување, целите на Русија остануваат непроменети: таа се стреми да ги маргинализира САД и НАТО и да ја преобликува европската безбедносна архитектура според визијата на Москва“, додал Росин.