Русија во четвртокот ја ослободи американско-руска танчерка затворена за донирање во добротворна организација која обезбедувала помош за Украина, како дел од размената со САД за германско-руски државјанин обвинет за извоз на чувствителна американска електроника за употреба во руската војска.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Ксенија Карелин, која беше прогласена за виновна за предавство од рускиот суд минатата година за донирање пари на добротворна организација со седиште во САД за давање хуманитарна помош за Украина, е на пат кон дома.
Нејзиниот адвокат потврди за Ројтерс дека била ослободена во замена за Артур Петров, германско-руско државјанин, уапсен во 2023 година на Кипар на барање на САД за наводно извоз на чувствителна микроелектроника.
Преговорите за размена ги воделе директорот на ЦИА Џон Ретклиф и висок руски разузнавач во Абу Даби, според официјален претставник на ЦИА, цитиран од „WSJ“.
„Денеска, претседателот Трамп донесе дома уште еден незаконски приведен американски државјанин од Русија“, рече Ретклиф во изјава за „Журнал“. „Горд сум на офицерите на ЦИА кои неуморно работеа за да го поддржат овој потфат и ја цениме владата на Обединетите Арапски Емирати за олеснувањето на размената.
Американскиот учител Марк Фогел беше ослободен од руски затвор во февруари за време на посетата на пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф на Москва. Во преговорите беа вклучени саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и големиот руски инвеститор Кирил Дмитриев.
Во август минатата година, САД и Русија ја спроведоа најголемата размена на затвореници од Студената војна, со ослободени 24 затвореници, меѓу кои и американскиот новинар Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилан.
„WSJ“ пишува дека шефот на ЦИА разговарал со директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников и директорот на Службата за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин.
Министерството за правда на САД минатата година соопшти дека Петров учествувал во шемата за набавка на микроелектроника од САД за производители кои снабдуваат оружје и друга опрема за руската војска.
Оттаму додаваат дека Петров основал добро развиена групација за шверц на технологија која доставувала чувствителна технологија за рускиот воено-индустриски комплекс преку мрежа на компании. Петров не беше достапен за коментар.