Долниот дом на рускиот парламент денеска изгласа зголемување на максималната старосна граница за воен рок од 27 на 30 години, со што се зголемува бројот на млади мажи кои во секое време мора да отслужат една година задолжителна воена служба.
Новиот закон, кој стапува на сила на први јануари, значи дека мажите ќе мора да поминат една година воена служба или еквивалентна обука за време на високото образование, на возраст од 18 до 30 години, наместо на возраст меѓу 18 и 27 години како досега, пренесува „Ројтерс“.
Законот исто така им забранува на мажите да ја напуштат Русија од денот кога ќе бидат повикани на воена служба.
Покрај тоа, законот усвоен денеска им дава на гувернерите на локалните области овластување да формираат регионални паравоени единици за време на периоди на мобилизација или вонредна состојба.
Овие единици би биле финансирани и вооружени од државата и би добиле право да соборуваат беспилотни летала, да се борат против непријателските диверзантски групи и да спроведуваат антитерористички операции.