Русија може да се вклучи во меѓународната коалиција за борба против тероризмот во Либија. Тоа го изјави постојаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин, цитиран од агенциите.
“Од политичка гледна точка јас не би исклучил слична опција, но тоа не го решавам јас”, рече претставникот во средата по седницата на Советот за безбедност на организацијата. “Ако Русија може да учествува во операции на брегот на Сомалија, зошто да не може и во Средоземното Море”, праша Чуркин и истакна дека удари по членови на Исламската држава нанесе и Египет, со кого Москва е во пријателски односи.
Во исто време претставникот објасни дека Русија не учествува во коалицијата во Сирија, бидејќи операцијата се врши без одобрение од Советот за безбедност и без согласност на Дамаск. Чуркин објасни дека всушност Москва на Сирија и на Ирак им дала многу поголема помош во борбата со тероризмот, отколку другите земји. “Ние пример испорачуваме оружје на Багдад, додека САД” на хартија “решаваа што да прават”, изјави емисарот.
ТАСС информира дека во средата Советот за безбедност на ОН одржа вонредна средба посветена на ситуацијата во Либија. Министерот за надворешни работи на земјата Мухамед ад-Дејри се обрати со молба до членовите на советот да го укинат ембаргото, воведено во 2011 година, и да му дадат на Триполи воена помош во борбата против тероризмот. Министерот за надворешни работи на Египет Самех Шукри го поддржа овој повик и додаде дека треба да се воведе морска блокада на Либија, за да се спречи испораката на оружје за исламистите.
