Русија се реши на драстична мерка: Основната каматна стапка зголемена на рекордни 21%

од Vladimir Zorba
38 прегледи

Централната банка на Русија ја информираше јавноста за зголемување на основната каматна стапка за два процентни поени, односно на 21 отсто годишно, што претставува максимален процент од 2013 година.

Претходниот рекорд беше во февруари 2022 година, кога основната каматна стапка беше зголемена на 20 проценти.

Централната банка ја задржа основната стапка на 16 отсто годишно од крајот на 2023 година, но поради забрзаната инфлација и инфлаторните очекувања, стапката беше зголемена на 18 отсто во јули годинава, а на 19 отсто во септември.

„Инфлацијата е значително повисока од јулската прогноза. Растот на домашната побарувачка значително ги надминува можностите за проширување на понудата на стоки и услуги. Дополнителните буџетски расходи и поврзаното зголемување на федералниот буџетски дефицит во 2024 година имаат проинфлаторни ефекти. Потребно е дополнително заострување на монетарната политика со цел инфлацијата да се врати на целта и да се намалат инфлаторните очекувања“, соопшти Централната банка на Русија.

Забавувањето на економскиот раст, како што посочуваат, главно се должи на зголемените ограничувања, вклучително и работните ресурси.

Овој инструмент и овозможува на Централната банка да ја регулира економската активност и нивото на инфлација во земјата.

Клучната стапка на Централната банка на Руската Федерација е главниот инструмент на монетарната политика, кој се користи за регулирање на економската активност и нивото на инфлација во земјата. Ова е најнискиот процент со кој Централната банка им дава кредити на деловните банки, а регулаторот ги пласира средствата на финансиските институции на своите депозити.

Инструментот за клучна каматна стапка во Русија за првпат беше имплементиран во 2013 година, а тогаш стапката беше 5,5 отсто.

Клучната стапка има значително влијание врз каматните стапки. Кога Централната банка на Руската Федерација ја зголемува основната стапка, комерцијалните банки се принудени да ги зголемат каматните стапки на заемите за да компензираат за зголемените трошоци за собирање средства. Тоа доведува до намалување на побарувачката за кредити и забавување на економскиот раст. Од друга страна, намалувањето на основната стапка ќе ги направи кредитите подостапни, што ќе ја стимулира потрошувачката и инвестициите.

Слични содржини