Москва ќе го смета секој напад со германски ракети „Таурус“ врз руски цели како директно учество на Германија во воените операции на страната на Киев, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесува „Танјуг“.
„Сето тоа ќе се смета за директно учество на германската армија во воените дејствија на страната на режимот во Киев, со сите последици што тоа ги носи за Германија“, истакна Захарова, пренесе и руската агенција „РИА Новости“.
Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и можен иден канцелар на Германија, Фридрих Мерц, претходно не ја исклучи можноста Германија да ѝ испорача крстосувачки ракети „Таурус“ на Украина. Според него, таквата одлука треба да се донесе во согласност со европските партнери.
Сепак, германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, изјави дека постојат многу аргументи против ваков чекор. Тешкото оружје испратено од Германија во Украина често се покажува како неупотребливо во борбени услови и е подложно на дефекти, се наведува во интерен извештај цитиран од германските медиуми.
„Оклопната хаубица 2000 е толку технички чувствителна, што нејзината борбена употребливост често се доведува во прашање“, се вели во интерен документ на Бундесверот и Министерството за надворешни работи. Извештајот го објавија истражувачкиот тим на јавниот сервис WDR и NDR, како и дневниот весник Süddeutsche Zeitung. Се посочува дека ова артилериско оружје, иако прецизно, често се соочува со софтверски проблеми и прегревање на цевката.
И тенковите „Леопард I“ и „Леопард II“ беа критикувани како тешки за одржување и со слаба оклопна заштита. Кај „Леопард I“ тоа особено беше истакнато, додека за „Леопард II“ украинските воени сили забележале дека не може постојано да се одржува на линијата на фронтот, туку мора да се враќа во базата за поправки.