Русија ѝ се закани на Босна и Херцеговина дека ќе реагира на нејзините намери да се приклучи на НАТО. Во интервју за босанската Федерална телевизија, рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина Игор Калабухов се закани дека Москва ќе има право да одговори на намерите на Босна за влез во НАТО.
„Со примерот на Украина покажавме што сметаме. Ако има закана, ќе реагираме“, рече Калабухов, цитиран од агенцијата УНИАН. Според дипломатот, Русија во моментов нема акционен план за Босна и Херцеговина, а Москва ќе реагира со „анализирање на стратешката и геополитичката ситуација“.
Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ подоцна ја осуди изјавата на рускиот амбасадор.
„Силно ги осудувам заканите од рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина. Пораката на рускиот амбасадор дека ќе има руска реакција по примерот на Украина е недвосмислена, но во исто време и неприфатлива за Босна и Херцеговина“, нагласи тој.
Комшиќ истакна дека одлуката на Босна и Херцеговина за влез во НАТО може да биде само одлука на институциите во земјата, а не „изговор за напад на БиХ“.
Во 2010 година, НАТО ја покани Босна и Херцеговина да се приклучи на Акциониот план за членство. Република Српска, ја прогласи својата воена неутралност во 2017 година. Потсетуваме дека поради аспирациите на Украина да се приклучи на НАТО, Русија започна целосна војна во земјата со илјадници жртви. Москва инвазијата ја нарекува „специјална воена операција“.