Руските власти објавија дека убиле шестмина осомничени борци на екстремистичката група Исламска држава во операција во Ингушетија, мала руска кавкаска република со мнозинско население муслимани.
– По антитерористичката операција спроведена во Република Ингушетија, неутрализирани се шест борци кои беа блокирани од специјалните сили на ФСБ во една од зградите во градот Карабулак, соопшти Рускиот национален антитерористички комитет.
Според изворот, шесте борци, од кои тројца биле на федералната листа по кои се трагало, биле „членови“ на екстремистичката група Исламска држава и биле „вклучени во голем број терористички злосторства, вклучително и напад на полициски контролен пункт и убиство на тројца полицајци во март 2023 година“.
Во соопштението се додава дека нема цивилни жртви во операцијата започната во саботата вечерта во Карабулак, кој се наоѓа на 45 километри североисточно од големиот регионален град Владикавказ.
Влијанието на Исламската држава е ограничено во Русија, иако во последните години имаше неколку напади, особено во претежно муслиманските руските кавкаски републики Чеченија, Ингушетија и Дагестан, пишува Франс прес.
Во Ингушетија живеат околу половина милион луѓе.