Руската војска утринава соопшти дека во текот на ноќта соборила 90 украински дронови од кои околу 40 над Азовското Море, како и една противбродска ракета „Нептун“ и дека нема настрадани лица.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта системите за противвоздушна одбрана пресретнале и уништиле 90 украински беспилотни летала, а над Азовското Море била соборена и противбродска ракета Нептун.
Беспилотните летала биле пресретнати во осум региони, вклучувајќи 38 над Азовското Море, 24 во Краснодарскиот крај, југозападна Русија и 15 над полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
Русија речиси секојдневно објавува дека пресретнала и неутрализирала украински дронови лансирани кон територијата што ја контролира.
Киев тврди дека ги спроведува овие акции, кои често се насочени кон енергетски инсталации, како одговор на руското бомбардирање на Украина.
Синоќешниот напад се случи во моментите кога американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин изјавија дека сакаат разговори за решавање на конфликтот во Украина.
Вчера Трамп изјави дека неговата средба со Путин во Саудиска Арабија може да се случи многу брзо и дека Путин сака борбите да престанат. Преговорите, исто така во Саудиска Арабија, меѓу делегациите од двете страни треба да се одржат пред оваа средба.