Русија е загрижена за ситуацијата на Косово, настаните се развиваат според сценариото од лошо кон полошо, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, пренесуваат српски медиуми.
Москва ги повикува НАТО и Европската унија да ја повикаат Приштина да ги повлече силите од Косово и Метохија и со тоа да спречи ескалација, пренесува агенцијата Спутник.
Оваа реакција на Москва следеше по претходните вести дека патролите на силите на НАТО на Косово (КФОР) пристигнале на контролниот пункт Јарине на административната линија помеѓу централна Србија и северно Косово и Метохија со цел да се зачува безбедноста и слободата на движење, пренесуваат медиуми во Србија.
Се додава дека ситуацијата во Косово и Метохија се уште е напната, косовските специјалци не се повлекуваат од своите позиции и Србите не се откажуваат од мирниот протест, а хеликоптери на КФОР вчера во два наврати летале над Јариње и Брњак, како и на северот на Косово и Метохија.