Русин кој се бори на страната на Украинците: Не можев да бидам дел од ова злосторство

од Nikola Popovski
291 прегледи

Шетајќи низ Киев во својата нова украинска воена униформа, Игор Волобујев се чувствувал како конечно да ја исполнил својата цел. Неколку недели откако ја напуштил Русија, поранешниот потпретседател на Газпромбанк ги поминал деновите обидувајќи се да ги убеди официјалните лица да му достават украински документи и да му дозволат да се пријави во војска за да се бори против земјата во која го поминал најголемиот дел од својот возрасен живот.

„Во моментот кога изби војната, веднаш знаев дека сакам да одам да ја бранам Украина“, рекол Волобујев во интервјуто во главниот град на Украина.

„Прво, сакав да се приклучам на единиците за територијална одбрана во регионот Суми, каде што пораснав. Стигнав до многу функционери, но законски не ми беше овозможено да се борам таму како Русин“, додал тој.

Сепак, на Волубујев набрзо му била претставена опцијата да се приклучи на Легијата „Слобода за Русија“, специјална воена единица која е дел од украинските вооружени сили и која е целосно составена од руски државјани. Тој рече дека шансата ја прифатил со раширени раце, а во саботата во видео обраќање Волобујев, држејќи автоматски пиштол, соопшти дека ѝ се приклучил на легијата.

„Среќен сум што ја постигнав мојата прва цел. Но, сега треба брзо да поминам низ воена обука за да можам да се борам. Не можам да застанам на половина пат“, рече тој.

Овој 50-годишник има украински корени, но има руски пасош и поголемиот дел од својот живот го поминал во Москва, каде што станал потпретседател на Газпромбанк, третата по големина руска банка во сопственост на Газпром. Тој бил еден од неколкуте руски дезертери од висок профил кои ја осудија војната, пренесува „Гардијан“.

Сега неговата одлука да земе оружје и да води војна против Русија е уште една пресвртница во оваа приказна. Неговото јавно пребегнување веќе предизвика шокови со оглед на неговата висока улога во компанијата, која е во срцето на рускиот естаблишмент и со која претседава Алексеј Милер, извршен директор на Газпром, кој е близок до рускиот претседател Владимир Путин.

„Долго време правам компромиси со себе… Но, на 24 февруари, денот кога Русија ја започна инвазијата, секој разговор за компромис стана невозможен. Не можев да бидам дел од ова злосторство“, рече тој.

Не се знае многу за легијата „Слобода за Русија“, на која и се приклучил Волобујев. Веста за нејзиното формирање беше објавена на Телеграм на 12 март, а некои нејзини членови одржаа прес-конференција во Киев на почетокот на април. На нивниот канал на Телеграм често објавуваат слики од нивни членови ангажирани во воени подготовки.

 

Слични содржини