Кој навистина ја доби спортската сала во Аеородром на 35 години концесија и зошто општина Аеродром го крие договорот? Истражувањето на Владо Апостолов и Сашка Цветковска за НОВА открива дека сопственикот на компанијата концесионер била фирма со тајно сопствеништво во карипската држава Белизе каде што дели иста адреса со медиуми и градежни компании поврзани со локални моќници од Македонија. Истражување е работено преку претраги низ јавно достапните бази на податоци во Македонија, Русија и Кипар. Ви пренесуваме дел од текстот:
НЕПОЗНАТ ГАЗДА ОД БЕЛИЗЕ
Општина Аеродром во ноември 2012 година јавно побара фирма која требаше да ја сруши старата сала и да инвестира во сосема нов комплекс, а потоа одредено време да го користи спортскиот центар под концесија. Предвидено беше на повикот да победи инвеститорот кој што ќе може да инвестира најмалку 8 милиони евра во нов спортски центар и што ќе понуди најкраток концесиски период.
По четириесет дена, откако заврши огласот општината немала голем избор бидејќи на повикот се јавила само фирмата Спортски центар „Јане Сандански“ ДООЕЛ, а во јавноста беше претставено дека новиот инвеститор е всушност рускиот бизнисмен Серегеј Самсоненко.
Фирмата Спортски центар „Јане Сандански“ ДООЕЛ од свои пари за околу 16 месеци го изгради спортскиот комплекс, а за возврат го доби правото да управува и да заработува од салата и од хотелот во наредните 35 години.
Според официјалните документи оваа компанија е формирана на 7 декември 2012 година, нецели 20 дена откако Општина Аеродром веќе го распишала огласот за јавно-приватно партнерство. Како основач на оваа компанија се јавува фирмата „Бетсити Кипар Лимитед“ од Никозија, главниот град на оваа островска држава сместена во Медитеранот. Кипарските банки долго време важат за упориште на руските тајкуни.
Меѓутоа, во Централниот регистар во Скопје депониран е документ од кипарското Министерство за трговија, индустрија и туризам, поточно од одделот за Регистрирање на компании во кој пишува дека единствен акционер во кипарската „Бетсити Кипар Лимитед“ е фирмата „Игра инвест ЛТД“ која потекнува од државата Белизе сместена на Карибските острови.
„Игра инвест ЛТД“ се наоѓа во главниот град Белизе сити на улица „1 ½ Miles Northern Highway“, истата адреса на која се сместени уште две компании од оваа карипска држава кои се присутни во Македонија.
Првата фирма е „Иресине лимитед“ којашто е сопственик на неделникот и порталот „Република“, додека втората е „Базики лимитед“ која беше содружник во градежната фирма „Искра ММ“заедно со охриѓанецот Цветан Панделески, таткото на Дејан Панделески – кумашинот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, и со скопската „Ексико“, која, пак, е во сопственост на фирмата „Т&МЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија.
Тимот од новинари повеќе од еден месец се обидуваше да стапи во конктакт со рускиот инвеститор Сергеј Самсоненко. Испративме повеќе електронски барања на службената адреса на компанијата, а ѕвоневме и на неговиот телефон, но нашите повици останаа неодговорени. Единствено успеавме да го добиеме управителот на фирмата Спортски центар „Јане Сандански”, Давор Стојаноски кој истовремено е и извршен директор на машкиот ракометен клуб „Вардар“.
НОВА го праша Стојаноски, како и неговиот претпоставен Самсоненко, каква е нивната врска со фирмата од Белизе, „Ингра инвест ЛТД“, меѓутоа тој не ни одговори бидејќи, како што ни објасни во телефонскиот разговор, сѐ уште немал сигнал од рускиот бизнисмен.
Повратен одговор немавме ниту од општината каде прашавме дали знаеле дека компанијата Спортски центар „Јане Сандански“ била во сопственост на кипарската компанија „Бетсити Кипар Лимитед“ во која, пак, акционер е фирма од Белизе.
Општина Аеродром oстана глува и за нашата дилема дали во договорот за јавно приватно партнерство со фирмата Спортски центар „Јане Сандански“ има некакви ограничувања за промена на сопственоста кај концесионерот, бидејќи пред Нова Година фирмата концесионер ја презеде лично Самсоненко, а претходно сопственик била „Бетсити Кипар Лимитед“.
Тоа не можевме да го провериме сами бидејќи неколкупати го побаравме потпишаниот договор за јавно-приватно партерство од Општина Аеродром, меѓутоа портпаролката Маја Манчевска нѐ убедуваше дека тој документ не може да го сподели бидејќи во него имало податоци коишто треба да бидат заштитени, како на пример, некои лични информации.
Но, истражувањето открива дека општината Аеродром го потпишала договорот на последниот ден од рокот за доставување понуди од заинтересираните инвеститори.
Целиот текст од истражувањето прочитајте го на НОВА на следниот линк.

