Русите барале 56 визи од САД за Лавров да оди во ОН, се уште не добиле ниту една

од Nikola Popovski
138 прегледи

Русија побарле 56 визи од САД за да му дозволат на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговата делегација, кои планираат да отпатуваат во Њујорк на годишниот собир на светските лидери во ОН овој месец (13-27 септември), но досега не добила ниту една, пренесува Ројтерс.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја во писмо до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека ситуацијата е „алармантна“, бидејќи Вашингтон постојано одбива да издава визи на бројни руски делегации за настани во рамките на ОН во изминатите месеци.

Портпаролот на Стејт департментот, сепак, одговори дека САД ги сфаќаат своите обврски како домаќин на Обединетите нации многу сериозно и дека информациите за визите се доверливи, па затоа не можат да коментираат за поединечни случаи.

Според договорот на ОН од 1947 година, од САД генерално се бара да дозволат странски дипломати да влезат во ОН, но Вашингтон вели дека може да одбие визи поради одредени причини, како што се „безбедноста, тероризмот и надворешната политика“.

„Секоја година обработуваме стотици визи за делегациите на Руската Федерација кои присуствуваат на различни настани на ОН“, рече портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека барањата треба да се поднесат што е можно порано за да се овозможи навремена обработка.

„Ова е многу важно поради незаконските дејствија на Русија против нашата амбасада во Москва, вклучително и присилното исклучување на локалниот персонал, како и персоналот од трети земји, што сериозно ја оштети работата на нашата мисија и нашиот капацитет за обработка на визи“, додаде портпаролот.

Небензја вели дека барањата за виза биле доставени навреме до американската амбасада во Москва, а портпаролот на генералниот секретар на ОН не одговорил на барањето за коментар.

Слични содржини