Руската амбасада испрати нота до албанското министерство за надворешни работи со барање да добие информации за уапсените Руси.
Ова е соопштено за „Спутник“ во дипломатското претставништво во Тирана.
„Руската амбасада во Албанија сè уште нема добиено никакви информации од официјалните албански власти во врска со приведувањето на руски државјани осомничени дека на 20 август годинава влегле во воен објект во Грамши. Дипломатската мисија за инцидентот дознала преку медиумите“, се вели во соопштението.
„Во таа насока, амбасадата испрати нота до албанското министерство за надворешни работи со барање на пропишан начин да ја информира руската дипломатска мисија за идентитетот на уапсените, нивната моментална локација, природата на обвиненијата, натамошната судска постапка против нив, како и можност за организирање средба на претставници на конзуларното одделение на амбасадата со приведените Руси“, се наведува во соопштението.