Најмалку три лица се ранети во нападот во текот на ноќта врз украинскиот пристанишен град Одеса, соопшти гувернерот на црноморската област на Украина, Олех Кипер.
Како резултат на нападот на непријателот врз Одеса, избувнаа неколку пожари, предизвикани од паѓање на делови од ракета. Од силината на експлозијата се скршени стаклата на зградите, напиша Кипер на својот профил на Телеграм.
Командата на украинските вооружени сили на југот соопшти дека се оштетени студентски дом и супермаркет поради случајно паѓање на делови од проектили низ градот, а на една локација во градот избувнал пожар.
Одеса, најголемото пристаниште и поморска база во Украина, постојано беше цел на напади и гранатирање со руски беспилотни летала откако Русија се откажа од Црноморскиот договор за извоз на жито.