Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, следеа голем број санкции од големи размери. Повеќето западни компании го напуштија овој пазар, вклучително и производителите на автомобили, поради што продажбата на нови автомобили драстично опадна. Сепак, Русите работат на нешто што им дава надеж за изнаоѓање решение.
Според новите извештаи, руската влада има намера да инвестира до 900 милиони долари во развојот на платформа за националниот автомобил во следните три години. Оваа нова платформа ќе биде доволно флексибилна за да се користи во различни возила, со посебен фокус на хибридите и електричните автомобили.
Најголем дел од средствата за финансирање на развојот на новата платформа доаѓаат од рускиот парламент, додека проектот го води истражувачкиот институт за автомобили и автомобилски мотори NAMI. Во нивна сопственост e премиум рускиот бренд Aurus Motors, кој произведува лимузини за рускиот претседател Владимир Путин.
„Со дизајнирање ваква модуларна платформа, ги поставуваме основите за развој на нашето автомобилско производство. Ќе се користи за автомобили од различни класи, од компактни до деловни. NAMI ќе има голема улога во овој проект, а главната задача е да се обедини базата на компоненти за оваа платформа Новата платформа ќе се користи и за сериско производство на хибридни и особено електрични возила во иднина“, рече Алексеј Матушански, директор на Одделот за стратешки развој и корпоративна политика во Министерството за индустрија и и Трговија.
Во создавањето на платформата важна улога ќе има руската државна нуклеарна компанија Росатом. Оваа компанија веќе работи на две огромни фабрики за производство на батерии наменети за претстојните електрични автомобили. Исто така, се работи и на интегриран електричен погон за возилото, а ќе се користат композитни материјали за намалување на тежината.
Локалното производство на автомобили во Русија драстично се намали од почетокот на инвазијата. Во текот на 2021 година во Русија се произведени околу 1,34 милиони автомобили, а во 2022 година тој број падна на 448.246 возила. Иако многу компании ја напуштија Русија, пристигнаа бројни кинески брендови кои почнаа да произведуваат нови модели во поранешните фабрики на западните производители.