Германски медиуми јавуваат дека од почетокот на руската инвазија на Украина, три брода под панамско знаме биле под руски оган во Црното Море.
Еден брод потона, а два беа оштетени, изјави за новинарите Нориел Арауз од Панамската поморска управа. За среќа, нема повредени, додаде тој.
„Знаеме дека три брода, кои пловеа под панамско знаме, беа нападнати од руски ракети“, рече Арауз.
Трговскиот брод „Хелт“ е потопен. Други погодени бродови се „Лорд Нелсон“ и „Намура Квин“. Последниот припаѓа на јапонска компанија и е управувана од компанија на Филипините.
„Руската морнарица во моментов спречува 200 до 300 бродови од различни земји да го напуштат Црното Море“, рече Арауз.
Како резултат на тоа, десет бродови кои пловат под панамско знаме со вкупно околу 150 членови на екипажот беа блокирани. Повеќето бродови превезуваа жито.
Панама веќе пријави напад на брод во Црното Море на 25 февруари, ден по почетокот на руската агресивна војна во Украина.
„Панамските бродови во украинските пристаништа или во транзит низ областа мора да покажат екстремна будност и да ги зголемат безбедносните услови на бродот за да го заштитат екипажот“, соопшти Панамската поморска управа.
Украинскиот Генералштаб известува и за руската блокада на бродови во северозападниот дел на Црното Море.
Околу 8.000 бродови пловат под панамско знаме ширум светот, кој го има најголемиот регистар на трговски бродови во светот.