Популарна блогерка и авторка на книги за готвење, Вероника Белоцерковска би можела да биде првата осудена на затвор во Русија поради законот за цензура. Вероника се соочува со кривично гонење во Русија поради низа објави на Инстаграм, пишува Sky News.
Русија неодамна воведе закони за казнување на сите оние кои зборуваат против инвазијата, за која Русија инсистира дека е „специјална воена операција“. Оние кои го прекршуваат законот може да поминат до 15 години затвор.
Вероника, родум од Одеса, е обвинета дека објавила „намерно лажни информации за употребата на вооружените сили на Руската Федерација за уништување на градови и цивилно население на Украина, вклучително и деца“. Таа во своите објави ја обвини Русија дека води „агресивна војна против суверена држава“.
Се верува дека блогерката ги напишала овие објави надвор од Русија, каде што Инстаграм е блокиран, но извештаите сугерираат дека Русија би можела да побара нејзина екстрадиција.