Од германски извори дојде информација дека Русија се обидела да го убие лидерот на опозицијата таму, Алексеј Навални, не еднаш, туку двапати.
Вториот напад со „Новичок“ се случил откако Навални го преживеал првиот обид за убиство, пренесува „Дејли Мејл“, кој се повикува на извештајот на британски „Сандеј Тајмс“.
Втора доза на смртоносниот отров наводно му била внесена на Навални додека тој бил во кома по првиот напад во Сибир, од каде подоцна бил пренесен во болница во Берлин.
Потсетуваат дека на критичарот на режимот на рускиот претседател Владимир Путин му се слошило во текот на летот во Москва во август. Германските лекари пронашле траги на „Новичок“, смртоносен нервен агенс, во неговото тело. Новото откритие наводно покажува дека Навални бил отруен уште еднаш, во надеж дека ќе умре среде правна битка во која неговото семејство, додека лежел во кома, побарало тој итно да се транспортира од Русија.
Како точно изгледал првиот напад, сè уште не е познато за никого. Првите теории велат дека отровот му бил инјектиран во чајот во кафуле на аеродромот, додека некои тврдат дека неговата облека е загадена со смртоносна хемикалија. Имаше и верзија дека во неговата хотелска соба е отруена флаширана вода.
Без оглед на тоа како стапил во контакт со „Новичок“, Навални се разболел во текот на летото, па пилотот морал итно да слета во Омск. Тој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болница, каде веднаш му било инјектирано атропин, лек кој често се користи за нервни агенси и труење со пестициди.
Во тој период, сè додека не бил пренесен во Берлин на 22 август, Навални бил отруен уште еднаш додека бил во состојба на индуцирана кома.
Токсикологот Аластер Хеј од Универзитетот во Лидс верува дека ефектот на отровот може да се намали со инјектиран атропин.
Лекарите од болницата Шарита во Берлин го држеа Навални во медицински индуцирана кома 18 дена.
На 2 септември, Германија објави дека нивната воена лабораторија пронашла траги на воен отров во телото на Навални, сметајќи дека доказите се „непобитни“, а истите тврдења ги изнесуваат и независните лаборатории во Шведска и Франција.
Соработниците на руската опозиција, се разбира, покажаа прст на сомнеж кон Путин, тврдејќи дека само руската влада може да употреби ваков воен отров. Москва негираше сè.
Кира Јармиш, портпарол на Навални, рече дека има намера да се врати во Русија веднаш штом се опорави.
Навални е трн во око на Путин многу години. Тој повеќепати укажуваше на корупција на највисоки нивоа и организираше протести, поради што во неколку наврати заврши зад решетки, потсетува „Дејли Мејл“.
Европскиот суд за човекови права оцени дека неговиот притвор во 2012 и 2014 година бил политички мотивиран.