Руската индустрија и министерството за трговија ги забрзуваат напорите за производство на таблети кои ќе бидат замена за вијаграта, откако американскиот производител минатата година го суспендираше извозот на лекот во Русија, пренесува денеска „Политико“.
Американската фармацевтска компанија „Виатрис“, подружница на „Фајзер“, објави дека ќе ги запре планираните инвестиции и сите клинички испитувања во Русија поради инвазијата на Украина, но продолжи да извезува таблети против еректилна дисфункција.
Руското министерство за трговија, сепак, објави дека минатата година добиле информации од „Виатрис“ и за прекин на извозот на вијагра, пренесува порталот.
За да го надополни недостигот на лекови, Кремљ започна со поддршка на клиничките испитувања во земјата, а според резултатите пријавени до Интефакс, руските компании имаат технолошки способности да произведат генерички лек што ја содржи супстанцијата силденафил, кој се продава под името на брендот вијагра.
Според податоците, 36 руски компании добиле потврда за регистрација за производство на руските таблети, за кои има огромна побарувачка, наведува „Политико“.