Русите тврдат дека Кадиров пристигнал во Мариупол

од Nikola Popovski
238 прегледи

Руските медиуми во понеделникот објавија дека чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, близок до Владимир Путин, пристигнал во Мариупол за да го подигне борбениот дух на неговите борци вклучени во нападот на тој голем пристанишен град во југоисточна Украина.

„Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров е во Мариупол за да го подигне моралот на нашите борци“, изјави Ахмед Дудаев, близок соработник на Кадиров, пренесува руската новинска агенција РИА Новости.

Агенцијата објави фотографија од Кадиров со триесетина вооружени лица во просторија, која, како што велат, е направена во Мариупол.

Руската телевизија објави и снимка од Кадиров и маж за кој се тврди дека е рускиот генерал Андреј Мордвичев, кој наводно бил убиен од украинската армија.

АФП не можеше да ја потврди оваа информација од независен извор.

Руските сили, кои ја водат воената офанзива во Украина од 24 февруари, со недели се обидуваат да го освојат Мариупол, стратешки важен град каде хуманитарната ситуација е катастрофална.

Кадиров, кој владее со руската република Чеченија, минатата недела изјави дека неговите борци го зазеле градското собрание на Мариупол, но подоцна рече дека тоа е уште една јавна зграда во предградијата.

Во средината на март Кадиров објави дека илјада чеченски „доброволци“ пристигнале во Украина.

Кадиров (45), лојален на рускиот претседател Владимир Путин, има своја милиција под негова команда. Силите под негова контрола се обвинети за многу злосторства во Чеченија.

Слични содржини