Русија воведе санкции против 35 претставници на Велика Британија, меѓу кои министри, членови на безбедносни агенции и новинари, соопшти министерството за надворешни работи на Русија.
„Во врска со антирускиот курс на британската влада, која продолжува активно да го применува механизмот на лични санкции и води интензивна пропагандна кампања за дискредитација на нашата земја и нејзина изолација на меѓународната сцена, одлучено е дополнително да се вклучат голем број на членови на Владата, претставници на агенцијата за безбедност и на прес-корпусот на Обединетото Кралство (вкупно 35 лица)“, соопшти руската дипломатска служба.
Како што е наведено од руското министерство за надворешни работи, Лондон, намерно одбивајќи конструктивен дијалог, „ја продолжува линијата на конфронтација, во соработка со Вашингтон, шири лажни информации за Русија, поттикнува русофобија“.
„Принудени сме да потсетиме дека непријателските акции и агресивната реторика на британските претставници нема да поминат без соодветен одговор, а поддршката на неонацистичкиот режим во Киев скапо ќе ги чини неговите западни господари. Историјата учи дека не секој може да ги види очигледните факти“, истакнаа оттаму.