Руска компанија му понудила работа на седумгодишно програмерско „чудо од дете“

од Nikola Popovski
85 прегледи

Руската софтверска компанија „Pro32“ повикала седумгодишен програмер да ѝ се придружи на нејзиниот менаџерски тим штом ќе наполни доволно години за да започне со платена работа, пишува британски Би-Би-Си.

Сергеј од Санкт Петербург изградил име со објавување видеа во кои објаснува како да програмирате софтвер на петгодишна возраст. Врз основа на тие снимки, компанијата за информациска безбедност „Pro32“ му испратила писмена понуда за работно место менаџер за корпоративна обука.

Според рускиот закон, Сергеј не можел да се занимава со платена работа до својата 14-та година. Сепак, извршниот директор на Pro32, Игор Мандик, изјавил за Би-Би-Си дека во меѓувреме разговарал со родителите на Сергеј за изнаоѓање начини за соработка.

Неговиот татко Кирил се изненадил и рекол дека сите во семејството се среќни и дека едвај чекаат Сергеј да ѝ се придружи на компанијата. Во објавените видеа, Сергеј чекор по чекор поминува низ предизвиците за кодирање на руски, а понекогаш и на малку лош англиски јазик.

Неговиот канал на „YouTube“ има повеќе од 3.500 претплатници, заинтересирани за учење на програмските јазици Python и Unity или оние кои сакаат да слушнат повеќе за невронските мрежи, кои се основата на многу алатки за вештачка интелигенција. Мандик истакнал дека Сергеј покажал извонредни развојни и уникатни наставни вештини.

„За мене тој е еден вид Моцарт. Апсолутно сум сигурен дека додека да наполни 14 години ќе биде гуру за настава и развој. Мора да почекаме седум години, по што ќе почнеме да зборуваме за неговата плата“, изјавил Мандик за чудото од дете.

Слични содржини