Протерувањето на руските дипломати од Бугарија, под обвинение дека биле вклучени во шпионажа во корист на Русија, нема основа и тој потег нема да придонесе за конструктивен дијалог меѓу двете земји, соопшти руската амбасада во Софија. Русија, додадоа тие, го задржува правото да возврати со соодветни мерки.
„На 22 март, бугарското Министерство за надворешни работи прогласи двајца руски дипломати во Софија за непожелни. Со жалење мора да констатираме дека овој нов неоснован демарш на бугарските власти нема да придонесе за понатамошно градење на конструктивен руско-бугарски дијалог. Руската страна го задржува правото да возврати со реципрочни мерки “, се вели во соопштението на амбасадата објавено на Фејсбук.
Бугарија веќе избрка руски дипломати во текот на изминатата година под сомнение за шпионажа. Во јануари, двајца соработници на руската дипломатска мисија беа прогласени за „персона нон грата“ без да бидат презентирани никакви докази.
Покрај тоа, уште двајца беа протерани во септември, а друг во декември по истите причини.
Да потсетиме, Министерството за надворешни работи на Бугарија прогласи за персона нон грата двајца вработени во руската амбасада во Софија.
Денеска беше поканет советник во Министерството за надворешни работи на Бугарија и му беше врачена белешка за протерување на двајца претставници на амбасадата.
Бугарското обвинителство на 19 март објави дека е приведена група лица осомничени за шпионажа во корист на Русија. Тие тврдат дека меѓу уапсените има воен персонал, како и претставници на Министерството за одбрана, воени разузнавачки служби. Бугарската страна објави дека е уапсена и сопругата на наводниот организатор на групата, која имала бугарско и руско државјанство и која наводно „уживала доверба од руски дипломати“.