Руската централна банка поднесе тужба со која бара 18,2 трилиони рубљи, или 194,8 милијарди евра, отштета од белгискиот централен депозитар за хартии од вредност Euroclear, соопшти денес московскиот суд.
„На 12 декември 2025 година, Московскиот арбитражен суд прими тужба од Централната банка на Руската Федерација против Euroclear Bank SA/NV. Износот на тужбата е 18.172.971.903.836 рубљи“, соопшти прес-службата на судот, објави ТАСС.
Износот од 18.172.971.903.836 рубљи одговара на 194,8 милијарди евра.
Euroclear ги држи повеќето од средствата замрзнати од Европската Унија откако Русија започна инвазија на Украина, објави „Ројтерс“, додавајќи дека тужбата е одговор на плановите на ЕУ да ги користи замрзнатите средства за финансиска помош на Украина.
Агенцијата проценува дека се очекува московскиот суд да донесе брза пресуда во корист на централната банка, која потоа може да продолжи со спроведување во други јурисдикции.
На 12 декември, владите на ЕУ се согласија на неодредено време да ги замрзнат средствата на руската централна банка што се чуваат во Европа, отстранувајќи ја големата пречка за користење на готовината за да ѝ се помогне на Украина да се одбрани од Русија.
Централната банка истиот ден објави дека плановите на ЕУ да ги користи нејзините средства се нелегални и дека го задржува правото да ги користи сите расположливи средства за заштита на своите интереси.