Руската централна банка објави дека поднесува тужба во Московскиот арбитражен суд против депозитарот „Euroclear“ за надомест на загуби предизвикани од „нелегални дејствија“, кои, според регулаторот, довеле до неможност за располагање со сопствените средства и хартии од вредност.
Во соопштението на својата веб-страница, институцијата прецизира дека дејствијата на „Euroclear“ довеле до штети поради блокирани средства. Паралелно, предлозите објавени од Европската комисија (ЕК) за користење на замрзнатите руски средства се дефинирани како „нелегални“ од гледна точка на меѓународното право, пренесe БТА.
Пред неколку дена, извршниот директор на „Euroclear“, Валери Урбен, во интервју цитирано од Ројтерс за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, изјави дека белгиската финансиска институција не може едноставно да ги даде или префрли на ЕУ средствата генерирани од замрзнатите руски средства, бидејќи овие средства што ги поседува групата се предмет на правни побарувања.
Порано овој месец, ЕК предложи финансирањето на Украина за следните две години да биде обезбедено или со средства од „Euroclear“, кои Украина би ги вратила откако ќе заврши војната и Русија ќе му плати репарации на Киев, или со заеднички заем од меѓународните финансиски пазари гарантиран од земјите на ЕУ. Се очекува одлука на состанокот на Европскиот совет закажан за подоцна овој месец.
Во Брисел се подготвува состанок меѓу белгискиот премиер Барт де Вевер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за да се разговара за ова прашање.
„Euroclear“, исто така, се плаши од банкрот и одговор од Русија доколку замрзнатите средства на Руската централна банка ѝ бидат достапни на Украина, изјави Валери Урбен минатата недела.

Фото: Фејсбук/Euroclear
Руската централна банка ги нарече објавените предлози на Европската унија за користење на нејзините замрзнати средства нелегални и предупреди дека го задржува правото да ги преземе сите достапни мерки за заштита на своите интереси. „Механизмите за директно или индиректно користење на средствата на Руската централна банка, како и сите други форми на неовластено користење на нејзините средства, се нелегални и спротивни на меѓународното право, вклучително и кршење на принципите на суверен имунитет“, соопшти регулаторот.
Банката се повикува на соопштение за медиумите од Европската комисија од 3 декември, во кое се наведени две решенија за финансирање на потребите на Украина во периодот 2026-2027 година, како и на нацрт-регулаторен акт од истиот датум. Според една опција, Комисијата би можела да позајмува средства од финансиските институции на ЕУ што поседуваат замрзнати руски средства со цел да обезбеди заем за репарација на Украина.
Регулаторот нагласува дека во случај на понатамошен напредок или фактичко спроведување на овие иницијативи, „Руската централна банка го задржува правото, без понатамошно известување, да продолжи со користење на сите достапни правни и други механизми за заштита на своите интереси“.
Вчера, данското претседателство објави дека ЕУ започнува постапка за долгорочно замрзнување на средствата на Руската централна банка што се наоѓаат на територијата на Унијата, со цел да се избегне потребата од обновување на одлуката на секои шест месеци и да се подготви правна рамка за евентуално користење на средствата во поддршка на Украина, потсетува БТА. Исто така вчера, белгискиот вицепремиер Винсент ван Петегем изјави дека замрзнатите руски средства треба да се искористат за заем за Украина.