Руската опозициска ТВ станица „Дожд“, која ги прекина своите активности во Русија откако беше блокирана, продолжи да ја емитува својата програма од странство, каде што нејзината редакција се спаси од зголемената репресија по почетокот на руската инвазија на Украина.
Телевизија Дожд во 17:00 часот по средноевропско време на својот канал на Јутјуб започна да емитува информативна програма, предводена од главниот уредник, познатиот новинар Тихон Ѓадко.
На 3 март, радиодифузерот одлучи да ја прекине работата во Русија, откако властите го блокираа поради критичкото покривање на војната во Украина, која започна на 24 февруари.
Руските власти тогаш усвоија Закон со кој се казнува до 15 години затвор за ширење „лажни информации“ за руската војска. Веб-страниците на неколку десетици други независни медиуми се блокирани во Русија, па многу новинари избраа егзил за да избегнат кривично гонење.
„Дожд“ објави дека отвориле нова редакција во Латвија и добил лиценца за дистрибуција во Европската унија. Се додава дека ќе имаат на располагање простории во Рига, Амстердам, Тбилиси и Париз.
„За овие четири и пол месеци додека Дожд не работеше, продолжи крвавата и бесмислена војна што ја водат руските лидери против Украина, луѓе умираат, животи се уништуваат. Денес, повеќе од кога било, руските граѓани мора да имаат пристап до независни информации“, соопшти телевизијата, додавајќи дека конфликтот во Украина „ги уништува украинските градови и иднината на Русија“.
Од „Дожд“ додаваат дека постепено ќе продолжат со бесплатен пристап на социјалните мрежи, на Јутјуб и на телевизиските мрежи.
Телевизијата, која започна со работа во 2008 година, активно ги покриваше главните протестни движења во Русија.