Руската православна црква: Санкциите против патријархот Кирил се „апсурдни“ и „бесмислени“

од Nikola Popovski
292 прегледи

Санкциите што Велика Британија денеска му ги воведе на патријархот на Руската православна црква Кирил како одговор на руската офанзива против Украина се „апсурдни“ и „бесмислени“, соопшти Руската црква.

„Обидите да се заплаши патријархот на Руската црква или да се принуди да се откаже од своите ставови се апсурдни, бесмислени и бесцелни“, рече портпаролот на Руската православна црква Владимир Легоида во соопштението.

Тој додаде дека особено сега црквата е последниот мост, средство за комуникација кое, според него, се обидуваат да го уништат и ги осуди „политичките сили чија основна цел е ескалација на конфликтот и оддалечување од мирот“.

Според него, целта на санкциите е „да се запре и онака сериозно оштетената комуникација меѓу европската заедница и Русија“.

Како дел од новиот бран казнени мерки, Лондон денеска воведе санкции за рускиот патријарх Кирил и Марија Лвова-Белова, посредници за правата на децата во Кремљ, поради „присилно посвојување и префрлање на украински деца“ во Русија.

Мерките вклучуваат забрана за влез на британска територија и замрзнување на имотот во Велика Британија.

Европската комисија претходно предложи да се воведат санкции за патријархот Кирил, кој е на чело на Руската православна црква од 2009 година, но ЕУ се откажа од таа намера поради противењето на Унгарија.

Агенцијата Франс прес наведува дека патријархот Кирил ја ставил својата црква во служба на рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи го „чудо“, за да ја сподели неговата амбиција да создаде доминантна Русија и да ја поддржи офанзивата во Украина.

Слични содржини