„Сбербанк“ објави дека забележала нето добивка од 737,5 милијарди рубљи (7,9 милијарди долари) во првата половина од годината. Во збирниот извештај на банката беше наведено дека повратот на капиталот на кредитниот сектор е 25,5 отсто од добивката, додека во вториот квартал од тековната година банката забележа 380,3 милијарди рубљи нето добивка (околу четири милијарди долари).
„Во вториот квартал го издадовме најголемиот обем на заеми во историјата, повеќе од 6.600 милијарди рубљи (70,62 милијарди долари). Кредитното портфолио порасна за седум отсто во вториот квартал и се приближи до сумата од 35.000 милијарди рубљи (374,5 милијарди долари), а средствата на клиентите забележаа раст од 9,2 отсто. „Сбербанк“ ја зајакна својата позиција на сите клучни банкарски пазари“, изјави извршниот директор на банката Герман Граф, пренесе „Комерсант“.
Според резултатите за вториот квартал, нето приходите од камати на „Сбербанк“ изнесуваат 597,6 милијарди рубљи (6,4 милијарди долари). Растот на показателите е остварен поради зголемувањето на обемот на деловните средства и повратот на деловните маржи во однос на истиот период лани. Вкупниот нето каматен приход се зголеми во првите шест месеци од оваа година на 1.200 милијарди рубљи (12,4 милијарди долари).
Нето приходите од такси и провизии достигнаа 186,9 милијарди рубљи (2 милијарди долари) во вториот квартал, благодарение на растот на приходите од банкарски картички и услуги за готовина. Во првата половина на 2023 година, нето приходот од такси и провизии изнесуваше 358.000 милијарди рубљи (3.830 милијарди долари).
Според резултатите во вториот квартал, кредитното портфолио на „Сбербанк“ за домаќинствата исто така се зголеми на 13.900 милијарди рубљи (148,7 милијарди долари). Портфолиото на хипотекарни кредити надмина 8.500 милијарди рубљи (90,96 милијарди долари), додека портфолиото на потрошувачки кредити изнесуваше 3.800 милијарди рубљи (40,66 милијарди долари).