Масовно тестирање на првата потенцијална вакцина против Ковид-19 на Русија, која доби одобрение од руските власти, ќе опфати повеќе од 40.000 луѓе и ќе биде надгледувана од странско научно тело, изјавија во четвртокот официјални лица кои го развиваат проектот.
Со објавување детали за третата фаза од клиничките испитувања, што започнува следната недела, производителите на вакцини сакаат да ја намалат загриженоста на некои научници за оскудните податоци за вакцината што Русија ги објави досега.
Вакцината беше именувана „Спутник V“, по првиот светски сателит лансиран од поранешниот Советски сојуз. Руските власти и научници ја фалат како безбедно и ефикасна по двата месеци тестирање на мал број луѓе, чии резултати сè уште не се објавени. Но, западните експерти се скептични и предупредуваат да не се користи се додека не се изврши успешно меѓународно одобрено тестирање.
„Голем број држави водат информативна војна против руската вакцина“, рече Кирил Дмитриев, шеф на фондот за директни инвестиции на Русија, кој го поддржува развојот на вакцините. Податоците за вакцината ќе бидат објавени во научно списание овој месец, додаде тој во интервју за новинарите.
Русија доби нарачки до милијарда дози од целиот свет и има капацитет да произведува до 500 милиони дози годишно преку производствени партнерства, рече тој.
Директорот на московскиот институт „Гамалеј“, кој ја разви вакцината, рече дека 40.000 луѓе ќе бидат вклучени во масовно тестирање во повеќе од 45 медицински центри низ цела Русија.
Податоците ќе бидат испратени до Светската здравствена организација (СЗО), рече Дмитриев и неколку земји размислуваат за учество во третата фаза на клинички испитувања, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Индија, Бразил, Саудиска Арабија и Филипини.
Според СЗО, најмалку четири други потенцијални вакцини против новиот коронавирус се во третата фаза на клинички испитувања ширум светот.
Руската вакцина е регистрирана уште пред спроведувањето на третата фаза на тестирање, што инаку се смета за услов за регистрација.
Дмитриев рече дека претходната регистрација ќе овозможи рано вакцинирање на групи со висок ризик, како што се здравствени работници, почнувајќи од октомври, паралелно со третата фаза од тестирањето.
Тоа ќе биде доброволно, истакна тој, а здравствената состојба на учесниците ќе се следи редовно.
Вакцината ќе се дава во две фази, користејќи два различни вектори на човечки аденовирус.
Дмитриев посочи дека овој вектор веќе се користи доста често во претходните вакцини и дека има повеќе докази дека е побезбеден од некои други потенцијални вакцини против коронавирус.
Руските научници рекоа дека раните тестирања покажале дека вакцината носи значителен имунолошки одговор, но не се знае колку трае заштитата.
„Секој човек може да реагира различно“, рече Владимир Суланов, главен руски експерт за инфективни болести, во интервју за „Газета.Ру“ во четвртокот.
„Некои може да развијат многу силен заштитен имунитет, додека други не. Во такви случаи, инфекција со коронавирус може да биде можна, но болеста, во теорија, треба да има благи симптоми. И процентот на такви луѓе ќе биде многу мал“.