Русија рано во неделата изврши трииполчасовен напад со беспилотни летала врз јужните делови на областа Одеса, погодувајќи ја пристанишната инфраструктура на реката Дунав, објавија украинските воздухопловни сили на комуникациската платформа Телеграм.
Украинските системи за противвоздушна одбрана соборија 22 од 25-те беспилотни летала Шахед од иранско производство што Русија ги користеше за напад на Одеса во раните утрински часови во неделата.
Украинската јужна воена команда на социјалните мрежи објави дека најмалку двајца цивили се повредени во нападот на, како што ја нарече, „цивилната инфраструктура на Дунав“.
Дунав стана главна рута за извоз на жито на Украина, откако во јули пропадна договорот спонзориран од Обединетите нации, кој му дозволи на Киев да го транспортира своето жито преку Црното Море.
Не беа дадени детали за тоа кој пристанишен објект е погоден. Армијата соопшти дека по нападот избувнал пожар, кој набрзо бил изгаснат.
Некои украински медиуми објавија дека има експлозии во пристаништето Рени, едно од двете главни пристаништа на Дунав со кои управува Украина. Русија веднаш не го коментираше инцидентот.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите.