Основачот на една од најголемите руски банки, Олег Тинков, го осуди рускиот претседател Владимир Путин во своето прво интервју по руската инвазија на Украина во февруари и рече дека може да биде во опасност.
„Сфатив дека Русија како држава веќе не постои“, изјави тој за „Њујорк Тајмс“ од непозната локација, но предвиде дека Путин ќе остане на власт уште долго.
„Верував дека режимот на Путин е лош. Но, се разбира, немав поим дека тоа ќе добие толку катастрофални размери“, додаде Тинков, цитиран од Гардијан.
Рускиот милијардер се најде на насловните страници во април кога остро ја критикуваше воената акција на Кремљ, пишувајќи на Инстаграм дека 90 отсто од Русите се против војната, а војската „с*ање“.
„А како ќе биде добра армијата ако сè друго во земјата е лошо и потопено во непотизам?“, рече тој.
Во интервјуто во неделата тој рече дека многу познаници во деловната и владината елита приватно му кажале дека се согласуваат со него, „но дека сите се плашат“.
Тој исто така рече дека Кремљ го принудил да ги продаде своите 35 отсто од акциите во банката што ја основал, на руски милијардер кој работи во рударството, за мал дел од вредноста.
Тинков посочи дека продажбата се случила минатата недела.
„Тоа беше како да си заложник – го земаш тоа што ти се нуди“, додаде тој.
Тинков истакна дека ангажирал телохранители откако неговите пријатели со контакти во руските безбедносни служби му рекле дека треба да се плаши за својот живот.