Руски проектил навлегол во полскиот воздушен простор за време на нападите врз Украина

Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Павел Вронски, изјави дека Полска ќе побара објаснување од Москва за инцидентот

од Бети Божиноска
194 прегледи

Руски крстосувачки проектил кусо влегол во полскиот воздушен простор за време на воздушен напад во текот на ноќта врз западните региони на Украина, соопштија во неделата полските вооружени сили, пренесува „Еурактив“.

Ракетата влегла во полскиот воздушен простор во 4:23 часот по средноевропско време со брзина од 800 км/час, соопшти полската армија, додавајќи дека уште во 2 часот по полноќ добила сигнали за лансирање на најмалку 13 руски бомбардери кои ги носеле проектилите.

„Ракетата влезе околу 2 км во полскиот простор во близина на градот Осердов (војводство Лублин) и остана таму 39 секунди пред да влезе во Украина. За време на целиот лет, таа беше набљудувана од воените радарски системи.“ напиша портпаролот полската армија, Јацек Горишевски, на платформата „X“.

Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Павел Вронски, изјави дека Полска ќе побара објаснување од Москва за инцидентот, а од министерството ја повикаа Руската Федерација „да престане со терористичките напади врз народот и територијата на Украина за да ѝ се стави крај на војната и да се решат внатрешните проблеми на земјата“.

Под „внатрешни проблеми“ во соопштението не беше директно споменат терористичкиот напад во Москва иако од „Еурактив“ сметаат дека токму на тоа алудирало полското министерство.

Горишевски исто така изрази сочувство за жртвите во терористичкиот напад и за нивните семејства.

„Полска ги осудува сите форми на тероризам и обиди за насилна ревизија на границите,“ нагласи тој.

Слични содржини