Кризата во Украина е внатрешно прашање со кое Москва нема апсолутно никаква врска, изјави вечерва рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија на седницата на Советот за безбедност свикана за прашањето за Украина.
Небензија рече дека нема докази дека Русија планира воена акција против Украина.
-Би сакал да поставам прашање, не само на нашите американски колеги, туку и на оние што споменаа, од каде е бројката од 100.000 војници кои се, како што тврдите, на руско-украинската граница, рече Небензија и додаде дека не ја потврдуваат таа бројка.
Тој потсети дека Русија често распоредува војници на своја територија без да предизвикува хистерија.
Украинскиот амбасадор во ОН Сергеј Кислица изјави дека не верува во руското негирање дека планира напад и дека ќе помогнат само практични потези, односно повлекувањето на руската армија. Тој појасни дека Украина нема да започне воена офанзива во Донбас или Крим или на кое било друго место и дека Русија распоредила околу 130.000 војници на границата.
Амбасадорката на САД Линда Томас-Гринфилд изјави дека САД немаат план да ја ослабат Русија, како што тврди рускиот амбасадор.