Рускиот дисидент Алексеј Горинов осуден на нови три години затвор за тероризам

од Vladimir Zorba
23 прегледи

Алексеј Горинов (63), поранешен член на општинскиот совет на московскиот округ Красносел, е осуден од Вториот западен окружен воен суд на три години затвор под обвинение за оправдување тероризам, објави денеска „Комерсант“.

Горинов е првиот познат случај на претходна осуда во Русија за ширење лажни информации за руската армија, а за тоа кривично дело во јули 2022 година беше осуден на седум години затвор.

За него обвинителството во новата постапка за оправдување тероризам побара три и пол години затвор.

Според материјалот од случајот, обвинението за оправдување тероризам се однесува на две изјави на Алексеј Горинов, кои ги дал во разговор со затвореници во болницата во ИК-3 во Владимирскиот регион, каде што издржува казна за претходна пресуда.

Тој е осуден поради тврдењата дека при разговор со други затвореници го спомнал украинскиот Азовски полк, кој е забранет во Русија и е прогласен за терорист, како и нападот на украинските вооружени сили на мостот на Крим.

Алексеј Горинов се изјасни за невин за оправдување на тероризмот. Според него, затворениците со кои комуницирал соработувале со управата на затворската колонија и носеле уреди за снимање.

Горинов за време на рочиштето рече и дека пред да замине на средбата бил информиран дека е регистриран како склон на терористички напади.

Од 2017 до 2022 година, тој беше општински заменик на областа Красносел во Москва.

Слични содржини