Рускиот ИТ сектор расте и покрај санкциите и заминувањето на странските компании

од Марта Пешевска
11 прегледи

По заминувањето на голем број странски ИТ компании од Русија, домашниот ИТ сектор се соочува со сериозни предизвици – но и со нови можности. Според Наталија Касперскаја, раководителка на здружението „Домашен софтвер“ и директорка на компанијата InfoWatch, токму руските компании сега добиваат шанса да ги пополнат „дупките“, особено во областа на кибербезбедноста.

Во изјава за ТАСС, Касперскаја нагласува дека напуштањето на рускиот пазар од страна на западните технолошки гиганти донело тешкотии за домашните корисници – некои изгубиле податоци, некои целосно престанале со работа, а други претрпеле големи финансиски загуби.

Претседателот Владимир Путин, исто така, повика на решителна поддршка за домашните ИТ решенија. Тој изјави дека користењето странски софтвер е „лоша навика“ која мора да се надмине, а странските компании што сè уште не се повлекле целосно од рускиот пазар ги нарече „непријателски“.

Промена во размислувањето и период на прилагодување

Професорката Елина Сидоренко од МГИМО и членка на Претседателскиот совет за човекови права вели дека замена на увезениот софтвер е клучна за иднината на руската дигитална независност. Според неа, повикот на Путин треба да предизвика промена во начинот на размислување, а ИТ секторот веќе покажува способност за брзо прилагодување. Таа проценува дека периодот на прилагодување ќе трае максимум една и пол до две години.

Субвенции и државна поддршка го одржуваат секторот

И покрај санкциите и изолацијата, рускиот ИТ сектор бележи раст, првенствено благодарение на државната поддршка. Последната деценија се карактеризира со значителни субвенции и поттикнување на домашни решенија наместо странски. Според студија на Московската виша школа за економија, уделот на ИТ секторот во БДП на Русија во 2023 година достигнал 2,43 проценти – речиси двојно повеќе од 2019 година. Капиталните инвестиции во секторот пораснале за 49 проценти, што е три пати побрзо од остатокот на економијата.

Предизвиците остануваат

Иако Русија традиционално има силни решенија во областа на кибербезбедноста, сè уште постојат сектори каде што замена на странските технологии не е лесна. На пример, софтверот за инженерски решенија сè уште претставува предизвик. Експертите предупредуваат дека високите стапки на раст од 2022 до 2024 година нема да продолжат со исто темпо. Ефектот од замената на странски софтвер веќе почнува да се намалува, велат за „The Moscow Times“.

Сепак, со постојано инвестирање, зголемување на учеството на ИТ секторот во економијата и јасна државна стратегија, Русија има потенцијал да гради дигитална независност и конкурентност на глобалниот пазар.

Слични содржини