Руските акции и рубљата скокнаа по веста за повлекување на војниците

од Vladimir Zorba
250 прегледи

Рускиот пазар на капитал денеска забележа силен раст по веста дека Русија ги повлекува војниците во близина на украинската граница и откако германскиот канцелар Олаф Шолц одлета во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.

Руските акции и рубљата, по слабеењето во претходните денови поради стравувањата од потенцијален украинско-руски воен конфликт, нагло зајакнаа откако Министерството за одбрана објави дека воените вежби се завршени и дека некои единици во воените области во близина на Украина се враќаат во своите бази, пренесоа западните и руските медиуми.

Агенцијата ТАСС наведува дека индексот на акции деноминирани во долари РТС скокна на Московската берза за 5,55 отсто на 1.505,2 поени.

Индексот MOEX, кој ја мери вредноста во рубљи, достигна 3.599,19 поени, што претставува раст од 3,38 отсто.

Рубљата зајакна и во однос на доларот и еврото при денешното тргување на Московската берза.

Доларот се менуваше по курс од 75,54 рубљи, односно за 1,59 отсто, додека еврото ослабе за 1,18 отсто на 85,7 рубљи, покажуваат податоците од тргувањето во 11:52 часот по московско време.

Слични содржини