Руските сили гранатирале 17 населби во Керсонската област, двајца загинати

Во извештајот се додава и дека биле уништени 26 руски јуришни дронови „шахед-136/131 во областите Одеса, Харков, Дњепропетровск и Запорожје.

од Бети Божиноска
180 прегледи

Руската армија во текот на ноќта гранатирала 17 населени места во областа Керсон, при што загинале две лица, а четворица биле повредени, соопшти шефот на воената управа на Керсон, Олександр Прокудин.

„Руската армија таргетира области на населени места, оштетувајќи две повеќекатници и 10 приватни куќи. Како резултат на руската агресија, две лица загинаа, а 4 други се повредени. Напади се забележани и кај пристанишната инфраструктура, објектите на критичната инфраструктура, еден трговски центар, комерцијални објекти и автомобили “, рече Прокудин во пост на „Телеграм“.

Во текот на ноќта, украинските сили за ПВО уништиле 26 од 28-те јуришни дронови што Русија ги користела за напад на Украина, објави на „Телеграм“ Военото воздухопловство на Вооружените сили на Украина.

„Ноќта кон 28 март, непријателот изврши ракетно-воздушен напад врз Украина користејќи три крстосувачки ракети Х-22 и една противрадарска ракета Х-31П (од правец на Црното Море), противвоздушна наведувана ракета С-300 (од правец на Доњецк) и 28 јуришни беспилотни летала од типот „шахед-136/131“ (од регионот Курск и Крим)“, се наведува во соопштението.

Во него се додава и дека биле уништени 26 јуришни дронови „шахед-136/131 во областите Одеса, Харков, Дњепропетровск и Запорожје.

Како што пренесува „Укринформ“, руските сили во текот на ноќта го нападнале Запорожје со дронови „шахед“, а во нападот биле повредени две жени.

Слични содржини